^
Макдеонски (МК)English (UK)
  • 1 Мариово
    Селска архитектура во Мариово, с. Кален. 1996 година.
  • 2 Враќње од нива.
    Село Зубовце, Кумановско, 1998 година.
  • 3 Зурлаџии
    Пред црквата „Свети Јован“ во селото Црешево, Скопско.
  • 4 На Илинден
    Село Павлешенце, Овче Поле, 2002 година.
  • 5 Транспорт на дрва
    Село Калаузлија, Радовишко, 1996 година.

Македонско етнолошко друштво

Курбан - ветен, обречен, наречен

Фотографски портрет.
Автор на фотографиите: Владимир Боцев

 

КУРБАН - ВЕТЕН, ОБРЕЧЕН, НАРЕЧЕН
Фотографски портрет

За фотографијата во етнолошките истражувања

Од времето на појавувањето на фотографијата етнолозите го прифаќаат овој медиум и фотографираат. Фотографскиот апарат станал неразделен дел од теренската опрема на многумина од нив уште од самите почетоци.

Фотографиите што денес ги нарекуваме етнолошки и оние фотографии коишто се чуваат во фототеката на Етнолошкиот оддел при Музејот на Македонија главно ги снимиле лица кои немале допирни точки со етнологијата. Тоа биле луѓе кои се занимавале со фотографијата и нивна главна преокупација и цел бил нејзиниот естетскиот квалитет. Овој медиум го гледале како средство за изразување и на тој начин ги преставувале и портретирале луѓето и случувањата. Ретки биле обидите да се направи истражување со фотоапаратот.

Но сепак, луѓето и случувањата фотографски забележани од нив сега за нас важат како возбудлив и важен извор за сегашното и идно истражување и разбирање на нашата култура.

Со формирањето на Етнолошкиот музеј најголем број од фотографиите ги снимале музејските фотографи. Етнолозите кои работеле во Музејот на своите теренски истражувања носеле фотограф кој снимал фотографии под нивни упаства. Мал дел од фотографиите што можат да се најдат во етнолошката фототека на Музејот ги снимале сами.

Денес, пополнувањето на музејската фототека со (етнолошки) фотографии речиси е исклучива активност на етнолозите, теренски истражувачи. Реткост е да се најдат етнолози кои немаат фотографски записи од нивното теренско истражување, иако главната цел им е собирање на вербални податоци и материјална култура.

Истражувајќи ја актуелната традиционална култура етнолозите дел од своето време, малите финансиски сретства, но и голема енергија и ентузијазам,  трошат фотографирајќи. Тоа го прават затоа што се свесни за можностите на овој медиум кој им дозволува да снимаат, анализираат и презентираат некои визуелни манифестации на културата што не може да се направи на ниту еден друг начин освен со снимање, било тоа да е фотографско или филмско видео. Обата овие медиуми се атрактивни за нив затоа што се моќни во собирањето на податоците.

Може да се каже дека денес фотоапаратот функционира како багаж за препознавање на етнолозите, теренски работници, додека самото фотографирање придонесува да се дополни сликата на вистински истражувач. Фотографирањето стана неразделен дел од теренско етнолошкот истражување.

Фотоапаратот за етнолозите стана истражувачка алатка, со чија помош се обидуваат да соберат документи за културата. Оваа пракса во последно време отиде дотаму што некои од нив традиционалното собирање на теренските податоци со помош на молив и бележник го заменија со визуелните медиуми - фотографијата и филмот, односно видеото. Бележниците се пополнуваат откако етнологот ќе се врати дома, средувајќи ги неговите впечатоци и забелешки. Меѓутоа, понекогаш етнологот од преголемата желба да подготви што подобра и покомплетна документација може да дојде во ситуација да не знае што попрво да направи - дали да снима со апаратот во кој има црно бел-филм или филм во боја, или пак,  да ја употреби камерата, или можеби, диктафонот. Во секој случај негов избор е да реши како ќе постапи.

За објективноста на фотографијата како доказ и верувањето во објективните квалитети на снимените фотографски податоци е пишувано  во етнолошката литература.

Во процесот на фотографирањето е можен голем избор. Објективот може да го искриви визуелниот одраз на случувањата и на тоа мора да се внимава. Придонесот на етнологот во создавањето на фотографијата е есенцијално. Неговото познавање на културата како функционална целина му дозволува да селектира теми за фотографирање и му овозможува потполно разбирање на визуелните моменти на случувањата преку кои наоѓа свој израз и културата која се истражува. Етнологот е тој кој овозможува во фотографијата максимално да се одрази потполноста на формираното етнолошко знаење. Раководен од своето знаење, од информациите на своите информатори и длабокото познаваење на проблемот што го обработува, тој знае кога, што и како да направи. Затоа оној што го држи фотографскиот апарат најдобро е да биде етнолог кој не дозволува да му побегнат значајните мигови и акции во случувањата. Со своето етнолошко образование и афинитет тој може да забележи што се јавува специфично визуелно во случувањата што се фотографираат и како е можно тоа специфично најдобро да го претстави на фотографијата. На тој начин, етнологот создава етнологија со помош на фотоапаратот. Фактите и случувањата тој ги разбира и ги снима, тој не гледа на  случувањата, туку во случувањата. Таквата фотографија ја изразува етнолошката мисла, базирана на етнолошкото знаење и пред се ги изразува ставовите на етнологот. Оттука, за фотографијата не треба да зборуваме како за објективен доказ и одраз на реалноста туку повеќе како за креација на еден човек кој собира податоци за одредено случување во специфичен момент во времето и просторот, а ги собира за да ги сподели со припадниците на сопствената култура или со припадници на други култури.

Моментите од случувањето и однесувањето што фотографијата може да го фати и зачува засекогаш можеби никогаш

нема да се повторат, така што тоа останува зачувано за идните генерации, а дури зачувуваат и нешта што етнологот не ги видел, но ги забележал на фотографијата.

Главната цел на етнолошкатата фотографија е да се разбере етнолошкото во неа, а не само да се гледа како лична - убава, таа треба да е извор за истражување. Ова не треба да навестува дека она што се нарекува етнолошка содржина е поважна од "уметничката" содржина во која е прикажана фотографијата, но треба да се знае дека примарна задача на етнолошката фотографија е комуникацијата на етнолошкото знаење.

Етнолозите треба да ја употребуваат фотографијата како надополнување на своите белешки многу повеќе одошто се случува денес.

Фотографиите претставени на оваа изложба се снимени на теренските истражувања во периодот од 1992 година до 2002 година, во рамките на истражувачкиот проект "Крвната жртва во обичаите кај Македонците", од етнологот-истражувач.Тие  претставуваат еден од најзначајните обичаи што се практикува од македонскиот народ - принесувањето на крвна жртва или Курбанот.

При снимањето се водеше сметка за придржување кон споменатите начела, начела што произлегоа пред се од етнолошкото образование, литературата и теренското искуство.

Се настојуваше фотографиите да ги забележат најзначајните моменти од изведувањето на обичајот, од кои може да се добие генерална слика за него, а по низа години тие да претставуваат сигурен извор за поглед во минатото.

Иако пред се се водени од етнолошкиот и музеолошкиот интерес при собирањето на фотографските податоци од теренот, сметаме дека изложените фотографии не се направени само со студеното око на етнологот. Се надеваме дека во нив може да се препознае поврзаноста на етнологот со културата на којашто припаѓа, особено кон нејзиниот дел што е претставен на фотографиите. Можеби некој ќе почувствува дел од неговите емоции одразени во фотографиите за време на снимањето.Можеби некој ќе го насети заемниот контакт, често многу искрен, на етнологот со луѓето кои се предмет на неговиот интерес.

Се трудевме преку фотографиите да не се манифестира навидум суровата природа на овој обичај  туку да ја истакнеме исконската потреба што луѓето ја чувствуваат за неговото одржување, длабоката вкоренетост во традицијата и неговата хумана димензија. Настојувавме да се почувствува чадот од огнот на кој се готви обредното јадење, мирисот што се шири од казаните во кои се вари, вкусот на тоа јадење. Настојувавме да се почувствува пиштењето на зурлите и гајдите, жарот со кој луѓето го изведуваат и присуствуваат на обичајот. Сакавме да го прикажеме нивното длабоко верување во него, верувањето дека тој носи спас, поврзаноста со родното место и црквата. Сакавме да се почувствува колективниот дух и заедништвото што владее во тие моменти на радост, вербата во подобра иднина и желба за мир.

Сепак, читањето на фотографијата е сосема индивидуална работа.

Фотографиите во оваа изложба се изложени  пред се заради својата етнолошка вредност и желбата таа да се сподели со етнолозите и пошироката публика.

Владимир Боцев

 

За курбанот

Еден од најраспространетите, најпрактикуваните, најтипичните религиозни обреди според многу истражувачи претставува токму жртвениот обред или жртвувањето. Карактеристични се за најстарите цивилизации Месопотамија, Египет, Сирија Феникија, Индија, Кина, Грција, Рим, за Келтите, за Евреите, како и за Словените. Егзистирајќи низ овој долг период, жртвувањето го менувало својот облик, форма, содржина но секогаш со ист мотив, од почит, благодарност, молба или страв кон вишите сили во чија моќ безрезервно се верувало и се верува. Почетоците ги наоѓаме во многубројните гробни прилози (накит, разни орудија, оружје, керамички предмети) кои потекнуваат од праисторијата, од времето на палеолитот. Значи, жртвените обреди најпрво биле поврзани со погребните обичаи, т.е, со култот на мртвите, култот на предците. Подоцна,  жртвувањето се развива во посложен систем на обичаи при што биле  жртвувани разни видови животни, луѓе, а особено деца, во чест на предците, хтонските сили и силите на животот, проследено со одредени обредни активности.

Религиозниот живот на старите Словени се одликувал со сложен комплекс на обредно - магиски дејствија, митологија со длабока симболика и развиен систем на божества. Почетоците на жртвените обреди потекнуваат од времето на прасловенската заедница. За ова сведочат многубројните археолошки наоѓалишта на култни места и светилишта од разни краеви на прасловенските простори. Постојат пишани податоци за тоа дека Словените верувале во постоењето и моќта на куќните духови, водените духови, на кои им принесувале одредени жртви. Врховен бог на Словените бил Перун кој предизвикувал громови и на кого му жртвувале говедо или друго животно. Друг почитуван бог бил Световид на кого му принесувале жртва за време на собирање на летнината. Свеченоста се завршувала со обредна трпеза подготвена од месото на жртвата. При трајното населување на Словените на Балканот под влијание на домородците и околните народи, а особено со прифаќањето на христијанството, дошло до промени или адаптирање на нивната стара обредна пракса, но и задржување на некои елементи од паганскиот период кои опстојуваат до денес. Така, култовите од врховните богови Перун и Световид биле пренесени на Св. Илија и Св. Ѓорѓија кои биле заштитници на земјоделието, но и светци на кои најчесто им се принесува жртва.

Жртвата претставува подарок, дар, понада или данок на вишите семоќни сили. Како обред го прочистува духот, создавајќи  психичка рамнотежа. Постојат крвна и бескрвна жртва. Бескрвната жртва се среќава во повеќе облици, а најчести  се обредните лебови, виното, цвеќето.

Крвната жртва популарно се нарекува "курбан". Потекнува од турскиот  збор "курбан", а означува света жртва посветена на бога.

Курбанот претставува еден од најпрактикуваните обичаи од страна на македонскиот народ. Раширен е во цела Македонија и најчесто е поврзан со календарот, обичаите од животот на човекот - раѓање, свадба и смрт и обичаите при градење куќа.

Обичајот курбан подразбира принесување исклучиво на крвна жртва, жртвување на некое животно: најчесто овца, овен, јагне, потоа вол, бик, теле, а поретко, крава.  Според народното верување, овцата е благословено животно излезено од рајот, поврзана со "горните" позитивни сили, со бога, наспроти козата која се смета за ѓаволски пород. Народот вели: мора да биде бело и здраво, зашто само во тој случај акумулираната енергија во него, која се добива за возврат, е поголема и појака, во што е суштината на жртвувањето. Иако поретко, во некои краеви курбанот е со црна боја, наменет за заштита од подземните демони, злите сили кои доаѓаат оддолу.

Постојат неколку групи  курбани: индивидуални, семејни, фамилијарни, селски, градски и еснафски. Причините за давање курбан се разновидни, па затоа се вели "некој дава од зорт, а некој од ќеф". Со давање заеднички  курбан (селски, градски) се посакува пред се здравје на целата заедница, а наедно и да се обезбеди богат род и бериќет од посевите, или пак, да се обезбеди заштита на истите од временски непогоди. Маката од преживеаната тешка болест, несреќа или немање пород ги "натерала"луѓето во моменти на беспомошност да ветат курбан на некој светец кој самите го избираат, верувајќи дека токму тој ќе ги заштити и ќе им помогне да останат здрави, живи или да добијат пород. Благодарноста кон светецот кој им помогнал во животот ја возвраќаат на тој начин што поединецот ветува дека до крајот на животот или за еден определен период на тој празник и на тој светец ќе му принесува жртва.   Семејните, фамилијарните и еснафските курбани поврзани со одредени календарски празници (Митровден, Арангел, Ѓурѓовден, Спасовден, Голема и Мала Богородица) имаат иста цел: здравје и благосостојба на членовите на семејството, еснафот.

Со курбан се именува жртвуваното животно, самиот обред и јадењето што се подготвува.

Курбанот најчесто се одржува еднаш или двапати годишно во одредена селска, поретко градска заедница и обично тој е главен настан во сферата на обредното живеење на заедницата. Се одржуваат на одредени места и тоа на границите на селскиот атар, во дворот на црквата и на гробиштата. Забележително е дека на овие празници присувството на припадниците на заедницата е масовно. Од курбанот за присутните се готви колективно јадење кое се служи на карактеристични "камени  трпези", поставени на земја или во посебно изградени трпезарии во дворот на црквата.

Возвишен чин на самиот обред е делењето на обредното јадење, кога секој од присутните сака, но и мора да го проба, зошто во спротивно, му се заканува несреќа.

Одржувањето или изведувањето на курбанот се смета за задолжително и како обврска на сите припадници на одредена заедница. Се верува дека курбанот е божја волја. Неговото неодржување води кон неизбежна несреќа и колективна божја казна за сите членови на заедницата. Ваквата посетеност и истрајност во одржувањето на курбаните доаѓа оттаму што тие се сметаат за основна нишка која ги поврзува членовите на заедницата помеѓу себе, како и нив со светецот "заштитник"  кому му е посветен курбанот. Оттаму доаѓа верувањето дека доколку не се заколе курбан, односно заедницата не се собере на тој празник, тогаш над заедницата се заканува голема несреќа, суша, неплодност и смрт. Затоа курбаните се одржале живо во обредната пракса на Македонците. Во последно време се појавуваат нови курбани, така што нивниот бројот за време на една година во некои села е над десетина.

Покрај верувањето во благородното дејство на курбанот врз членовите на заедницата во смисла на плодност, здравје и успешна иднина, преку него се манифестира и колективниот менталитет на заедницата со задолжителната партиципација во неговото изведување на секој нејзин член. Обичајот ја афирмира заедницата како цврста и компактна целина, а поединецот си го потврдува својот идентитет.

Преку курбанот може да се види целокупниот социјален систем на заедницата, улогата на црквата во изведувањето на овој обичај и неговото влијание врз животот на припадниците на заедницата.

Владимир Боцев
Милка  Крстевска
Фима  Трајковска