^
Макдеонски (МК)English (UK)
  • 1 Мариово
    Селска архитектура во Мариово, с. Кален. 1996 година.
  • 2 Враќње од нива.
    Село Зубовце, Кумановско, 1998 година.
  • 3 Зурлаџии
    Пред црквата „Свети Јован“ во селото Црешево, Скопско.
  • 4 На Илинден
    Село Павлешенце, Овче Поле, 2002 година.
  • 5 Транспорт на дрва
    Село Калаузлија, Радовишко, 1996 година.

Македонско етнолошко друштво

Етнолошка монографија на Зрново (Драмско) Егејска Македонија

ПРИКАЗ НА КНИГАТА

"ЕТНОЛОШКА МОНОГРАФИЈА НА ЗРНОВО (ДРАМСКО) ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА"

ОД АВТОРОТ ПРОФ. Д-Р ЗОРАНЧО МАЛИНОВ - НАУЧЕН СОРАБОТНИК ВО ИНСТИТУТОТ ЗА ФОЛКЛОР „МАРКО ЦЕПЕНКОВ“ ВО СКОПЈЕ

 

Пред читателот се наоѓа комплетен етнолошки труд од монографски тип кој се однесува на Македонците од Зрновци. Базирана врз рецентни теренски истражувања, како и на други достапни извори (наративни и пишувани) монографијата обработува дефицитарна тема и проблематика од аспект на истражуваниот простор. Не многу често предмет на истражување е народното живеење во егејскиот дел на Македонија, особено ако се има во предвид дека теренско истражување во просторот, речиси не е можно, поради познатиот став на Република Грција кон Република Македонија и Македонците. Токму затоа улогата на информаторите без кои не е можно да се создаде дело од ваков обем и тема, е особено важна.

Според досегашните проучувања на народната култура на Балканот, етничкиот простор на Македонија спаѓа во подрачјата со најнапластени и сочувани форми на традиционален план. За ваквата појава постојат повеќе причини, меѓу кои се издвојува изолираниот економски и територијален начин на живот, но исто така важни биле и природните услови на средината во која живеело населението, историскиот контекст како и етничко-социјалните односи. Од друга страна, посебна важност за нивната статичност и сочуваност имало живеењето во семејни задруги со сите одлики на задружен живот. Кога станува збор за традицијата, секогаш се помислува на една веќе стекната појава или искуство кое условено од историските и современите процеси, траело, продолжува да трае, се видоизменува или престанува да трае. Кога станува збор за традицијата, секогаш се помислува на една веќе стекната појава или искуство кое условено од историските и современите процеси, траело, продолжува да трае, се видоизменува или престанува да трае. Во тој контекст е и народното живеење во Македонија, кое поради присуство на слоевите од минатото со право го нарекуваме традиционална култура на Македонија.

Монографијата ЕТНОЛОШКА МОНОГРАФИЈА НА ЗРНОВО (ДРАМСКО) ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА од авторот проф. д-р Зоранчо Малинов, теориско-методолошки е конципирана во три различни поглавија: Географски карактеристики на Зрновско, Краток историски преглед и Етно-културни карактеристики на населението.. Зрново е сместено во источниот дел од Зрновската котлина која го зафаќа југоисточниот дел од на етничка Македонија. Како што се истакнува во делото. . . "Зрново се наоѓа на патот што со векови ги поврзувал краевите од горниот тек на Места, односно Разлошко и Невропкопско, со Драмско и Серско, како и со Егејското крајбрежје, т.е. со Кавала". Според користените извори и литература, авторот го следи бројното движење на населението во анализираниот период, но што е уште поважно дава приказ на етничката структура на Зрновјаните, од што се забележува дека кон крајот на 19 век, преовладувачко население било македонското со дури 92%, во однос на останатото турско, влашко и ромско население. Низ историскиот приказ на случувањата може да се види како се одвивало етничкото раслојување на Македонците и нивната етно-историска голгота, која се рефлектирала во целокупното живеење на Зрновјаните. Според авторот Зоранчо Малинов, ваквата состојба била овозможена со демографски дебаланс поради масовните иселувања на македонските родови од овие простори и истовремено доселување на друг етнички елемент во испразнетото населено место.

Се разбира дека поглавието ЕТНОКУЛТУРНИ-КАРАКТЕРИСТИКИ НА ЗРНОВО содржи најмногу тематски целини кои соодветствуваат со насловот, и тоа вклучува содржини од материјалната, социјалната и духовната култура на Зрновјаните.

- Материјалната култура како дел од невербалниот симболички систем претставена со традиционалното стопанисување преку земјоделството, сточарството, занаетчиството, потоа традиционалната исхрана, народна архитектура и покуќнина, но и народната носија ни овозможува на еден појмлив и пристапен начин да се запознаеме со овој вид на традиционално културно живеење на македонското население од истражуваниот предел. Во една таква типично патријархална средина, може да се каже дека носијата била главно продукт на домашно затворено производство, условено од еднакви суровини, материјални и технички можности.

- Тематската целина која ја обработува социјалната култура преку презентираните материјални не запознава со структурата на традиционалното семејство и локалната селската заедница.

- Духовната култура содржински е најмногу застапена, што воопшто не е за изненадување ако се знае дека општата етнолошка истражувачка ориентација на авторот генерално е насочена кон овој сегмент од етнологијата. Презентираниот материал претставен преку зрновскиот говор, народните знаења, народната уметност, како и народните обичаи, обреди и верувања, разложени на пет поттеми (обичаи од животниот циклус каде што спаѓаат обичаите во врска со бременоста и раѓањето, крштевката, обичаите во врска со стапувањето во брак како и обичаите во врска со смртта), потоа социо-нормативните обичаи, обичаите во врска со трудот, календарските обичаи и народните верувања, придонесуваат објавената монографија да заземе важно место помеѓу останатите дела од овој вид.

Генерално, од содржината на делото ЕТНОЛОШКА МОНОГРАФИЈА НА ЗРНОВО се заклучува дека сложените ситуации од етно-културната историја се рефлектирале врз сите сфери на народниот живот резултирајки со посебна локална култура блиска со соседните, но истовремено и засебна.

Сестрано и темелно, авторот имал прилика да изврши обемно и систематско истражување. Д-р Зоранчо Малинов дополнително мотивиран поради личното семејно потекло по мајка од Зрново, успеал на еден многу прифатлив, стручно-научен пристап, но и со длабоко емотивен мотив, да го претстави целокупното традиционално живеење на Зрновјаните присутно до педесетите години на минатиот век.

Освен пишаниот дел, монографијата содржи и фотографии кои дополнително го збогатуваат делото, истовремено внесувајки и длабоко чувство на припадност кон семејната и селската локална заедница, кон засебниот културен идентитет на Зрновјани.

проф. д-р Мирјана П. Мирчевска