^
Макдеонски (МК)English (UK)
  • 1 Мариово
    Селска архитектура во Мариово, с. Кален. 1996 година.
  • 2 Враќње од нива.
    Село Зубовце, Кумановско, 1998 година.
  • 3 Зурлаџии
    Пред црквата „Свети Јован“ во селото Црешево, Скопско.
  • 4 На Илинден
    Село Павлешенце, Овче Поле, 2002 година.
  • 5 Транспорт на дрва
    Село Калаузлија, Радовишко, 1996 година.

Македонско етнолошко друштво

Етнолог (број 12-13)

ПРИКАЗ

на последниот број на списанието ЕТНОЛОГ (бр.12-13), на Македонското етнолошко друштво

Стручното списание кое го издава Македонското етнолошко друштво, континуирано излегува повеќе од дваесет години. Досега се отпечатени 11 броеви од кои две изданија се двоброј, 4-5 и 7-8. Последниот број, 12-13, исто така е двоброј. Излегува после четири години од издавањето на последниот 11 број. Во меѓувреме, во издание на Институтот за етнологија и антропологија кој патем кажано комплетно го финансираше 11 број на Етнолог, излезе Зборник на реферати кои се однесуваат на Голо Брдо, како резултат на сработен проект од страна на членови на МЕД, со поддршка на Сорос.

Овој број на Етнолог на 320 страници, концепциски го сочинуваат неколку целини. Најпрво, во првиот дел кој е носечки во овој двоброј, содржински се опфатени 8 реферати на главната тема: НАШИНЦИТЕ ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА НА РЕЛАЦИЈА ПОЕДИНЕЦ – ОПШТЕСТВО - КУЛТУРА. Во вториот дел под наслов СТАТИИ презентирани се 10 стручни реферати. Потоа следуваат СТРУЧНИ ПРИЛОЗИ И ГРАДИВО со два прилога, и најпосле во ПРИЛОЗИ презентирани се вкупно 7 текста.

Првиот дел започнува со рефератот на:

- Миладина Монова на тема МАКЕДОНСКИ ИДЕНТИТЕТИ: ИСТОРИСКИ, ПОЛИТИЧКИ И СОЦИЈАЛНИ ДИМЕНЗИИ НА РЕЛАЦИИТЕ НА ИСКЛУЧУВАЊЕ/ВКЛУЧУВАЊЕ ПОМЕЃУ ЕГЕЈСКИ И ВАРДАРСКИ МАКЕДОНЦИ ВО ДЕНЕШНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА во кој авторката зборува за идентитетот и статусот на бегалвите од егејска Македонија населени во градските средини во Р.Македонија.

- Веднаш по него презентиран е рефератот на професорката Анета Светиева под наслов АРХИМАНДРИТ НИКОДИМ ЦАРКЊАС ОД С,БОТСКО (МЕГЛЕНСКО) – НАРАЦИЈА ЗА СЕБЕСПОЗНАВАЊЕТО - во кој авторката зборува за ставот на Архимандритот Царкњас и неговите противења во однос на т.н. ,,грчки граѓани,, кои официјалната грчка власт се труди да ги претстави како потомци на античките Грци, независно од етничкиот идентитет на малцинствата кои што живеат на територијата на денешна Грција.

- Авторот Зоранчо Малинов во својот реферат ЕТНОГРАФСКАТА ГРУПА МРВАЦИ пишува за народната култура на етничката група Мрваци кои што живеат како доселеници од источниот дел на Егејска Македонија во пиринскиот дел кој денес е во состав на Р. Бугарија.

- Во продолжение на ова издание на Етнолог, следува рефератот на Павле Филипов (Васкопулос) под наслов ЗА ,,МАКЕДОНЦКИТЕ,, И ЗА ,,ГРЦКИТЕ,, РАБОТИ, во редакција на професорката Светиева, каде се авторот се концентрира на современите случувања, на прашања на денешното македонско население во Грција, за здружението Виножито, како и за сите денешни нерешени прашања на македонците во егејска Македонија. Текстот е всушност предавање кое авторот Павле Васкопулос го имаше пред студентите и професорите на Институтот за етнологија и антропологија на 25. март 2008 година.

- Колегата Вангел Качев во својот текст под наслов ГРАДИТЕЛСКИТЕ ТРАДИЦИИ ВО СЕЛО МОКРЕНИ, ЛЕРИНСКО, пишува за градителската традиција на Мокрени како дел од материјалната култура на Македонците од овој простор, но и за народните обичаи, покуќнината, стопанските и објектите од јавен карактер.

- Во рефератот под наслов РЕЛАЦИИТЕ МЕЃУ ЛЕРИНСКА РЕКА И БИТОЛСКИТЕ ГОРНИ СЕЛА НИЗ ПРИМЕРОТ НА ЕДЕН ВЕЗБЕН ОРНАМЕНТ, авторката Ангелина Крстева ни презентира материјал во кој станува збор за влијанијата врз носијата од пределот Река од страна на селата кои се наоѓаат североисточно од Лерин. Станува збор за везбена орнаментика на невестинските носии.

- Нареден реферат кој исто така обработува тема од народната облека е насловен како КОЛЕКЦИЈАТА НА НАРОДНИ НОСИИ ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА од авторката Горданче Видиниќ. Станува збор за колекциите кои се во сопственост и се дел од збирката на етнолошкиот оддел на Музејот на Македонија. Станува збор за вкупно 310 предмети.

- Последниот реферат од главната тема е на колешката Сања Димовска под наслов ЕТНОЛОШКА ГРАЃА ОД СЕЛОТО СЕКАВЕЦ, СЕРСКО, РЕПУБЛИКА ГРЦИЈА, пренесува делови од интервју на Андон и Анѓелина Катмерови од селото Секавец и за нивните сеќавања во однос на материјалната култура на населението презентирана преку податоци за селото, стопанството, живеалиштата, покуќнината, исхраната.

Вториот дел од ова идание содржи СТАТИИ и започнува со рефетатот под наслов ХРИСТИЈАНСТВОТО И НАРОДНАТА КУЛТУРА ВО МАКЕДОНИЈА – КУЛТУРНО-ИСТОРИСКИ АСПЕКТИ, од колегата Љупчо Ристески, каде тој зборува за заемните влијанија и културно-историските аспекти на религиските идеи, обредноста и култовите со претхристијански, нехристијански и христијански елементи низ призмата на народната религија на територија на Македонија.

- Авторката Весна Петреска во својот реферат под наслов НОВИ ОБРЕДНИ ОДНЕСУВАЊА ВО СЕМЕЈСТВОТО – ТЕОРИСКО-МЕТОДОЛОШКИ ПРИСТАП- зборува за истражувањата во врска со обредноста од животниот циклус прикажани преку современи теренски истражувања како што е визуелизацијата.

- Во рефератот СТРУКТУРА И ФУНКЦИЈА НА ГОРНОРЕКАНСКОТО ТРАДИЦИОНАЛНО СЕМЕЈСТВО, авторот Мирјана Мирчевска зборува за формите на традиционалното семејство во просторот на Горна Река, од кои еден дел и денес се присутни во пределот.

- Колешката Ана Ашталковска во рефератот под наслов ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ И ОЗБОРУВАЊЕТО КАКО САНКЦИЈА ВО НАРОДНАТА КУЛТУРА НА СТРУШКИ ДРИМКОЛ, зборува за контролирачката и санкционирачката функција на ваквата комуникациска стратегија, учествувајки во формирањето на вредносниот систем, на нормите на идеалниот модел на заедницата.

- Понатаму, следува рефератот на Сара Арко, ,,ЈАС (НЕ) СУМ ТОРБЕШ,, ЕТНИЧНОСТА ВО ЕДНО ЗАПАДНОМАКЕДОНСКО СЕЛО – КОНСТРУКЦИИ И ПОЛИТИЗАЦИИ,, каде основен акцент е ставен на идентитетот на заедницата на македонците муслимани – Торбеши во историски и современ контекст, нивната политизација и политичките дискурси за современите идентитети на ова население.

- Колешката Инес Црвенковска Ристеска, во рефератот под наслов ТЕОРИСКИ ПОСТАВКИ ВО АНТРОПОЛОГИЈАТА ЗА МАШКАТА ИСТОПОЛОВА СЕКСУАЛНОСТ, дава кус преглед на светските теории кои се занимаваат со машката истополова сексуалност, разбрана како културен феномен.

- Авторот Владимир Боцев во рефератот ТРЕНДОВИ ВО МАКЕДОНСКАТА ВИЗУЕЛНА ЕТНОЛОГИЈА зборува за идејните, содржинските, концепциските, естетските и техничките трендови во македонската визуелна етнологија, од нејзините почетоци до денес.

- Рефератот под наслов ЛАЗАРЕВА САБОТА – ТРАДИЦИЈА ВО ГОРНА ПРЕСПА И МОЖНОСТИ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО СОВРЕМЕНИ УСЛОВИ од авторката Мери Стојанова зборува за еден дел од зачуваната традиционлна култура на Горна Преспа презентирана преку обредите за Лазарева сабота.

- Колегата Боре Неделковски, во рефератот под наслов СЕЗОНСКИТЕ ДВИЖЕЊА НА СТОЧАРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА, пишува за сезонските номадски и полуномадски движења на сточарите од Македонија, гледани низ историските случувања. Истовремено дадени се информации за материјалната култура на сточарите манифестирана преку објектите и предметите како и празнувањата и култовите поврзани со овој вид на стопанисување,.

- Последниот реферат во овој дел е на авторот Петар Намичев, НАРОДНОТО ГРАДИТЕЛСТВО ВО СЕЛСКИТЕ НАСЕЛБИ НА ПОЛОГ ОД 19 И ПОЧЕТОКОТ НА 20 ВЕК, зборува за особеностите на локалната градителска традиција на живеалиштата во Полог.

- Во делот на СТРУЧНИТЕ ПРИЛОЗИ И ГРАДИВА поместени се два прилога:

Првиот на колешката Славица Христова под наслов МОДАТА ВО СКОПЈЕ ВО 50-ТИТЕ, 60-ТИТЕ И 70-ТИТЕ ГОДИНИ НА 20 ВЕК – АРГУМЕНТИ ЗА ФОРМИРАЊЕ НОВА МУЗЕЈСКА ЗБИРКА, каде се зборува за плановите на Музејот на град Скопје за создавање на нова збирка музејски предмети од материјалната култура – модата од 50,60 и 70-тите години.

И вториот прилог од авторот Анастас Ќушкоски под наслов ВЕВЧАНСКИТЕ ФОТОГРАФИ ВО МИНАТОТО каде зборува за традицијата на Вевчанци кон фотографијата како најпопуларен визуелен медиум. Особено внимание е посветено на фотографиите кои ги регистрирале моментите од печалбарското живеење.

Последниот дел насловен како ПОВОДИ презентира две сеќавања на наши колеги кои не се повеќе меѓу нас – професор д-р Ѓорѓи Здравев и за д-р Галаба Паликрушева Назим. Во прилог се дадени и нивните Библиографски единици.

Следува прилогот на проф. Светиева ДОКУМЕНТ НА ГРЧКАТА ТАЈНА СЛУЖБА ОД 1982 ГОДИНА, потоа известување за одржана конференција на ИЕА во чест на проф. Ѓорѓи Здравев на тема СОЦИЈАЛНИ И ДУХОВНИ АСПЕКТИ НА МАТЕРИЈАЛНАТА КУЛТУРА. Понатаму следува ПРИКАЗ НА ИЗЛОЖБАТА ,,НАЈУБАВАТА НЕВЕСТИНСКИ ФУСТАН ОД 19 ВЕК ДО ДЕНЕС,, од Сања Димовска- всушност осврт на изложбата под истиот наслов презентирана во Музејот на град Скопје. Следниот текст е презентација од професорката Анета Светиева и се однесува на излегувањето од печат на првиот СЛАВИШКИ ЗБОРНИК во издание на музејот од Крива Паланка.

Најпосле, овој двоброј на ЕТНОЛОГ завршува со текстот ,,НАШИНЦИТЕ,, НИКОГАШ НЕМА ДА БИДАТ ,,ВАШИНЦИ,, ИАКО ИМАТЕ ЖЕЛБА, ВРЕМЕ, НЕРВИ, ПЛАН И ПАРИ од професорката Светиева кој всушност е реакција на книгата на Тања Мангалакова за Гораните, но и за другите бугарски автори кои со години се обидуваат да прикажат дека горанското, голобрдското и останатото македонско население во Албанија и Косово е бугарско. Текстот е остра реакција на континуираната тенденција на некои од бугарските автори за бугаризација на Македонците каде и да живеат.

Се надевам дека на следното издание нема да чекаме толку долго како изминативе години досега.

д-р Мирјана П. Мирчевска
Скопје, 16 Март 2010 год.

Превземи Содржина

Придружете ни се

 

 

 

XI Меѓународен фестивал на етнолошки документарни филмови "Кратово 2022" е поддржан од Амбасата на Израел во Загреб, Република Хрватска

 Emblem_of_Israel.svg.png          

XI International Festival of Ethnological Documentary Films "Kratovo 2022" is supported by the Embassy of Israel in Zagreb, Republic of Croatia