Македонско етнолошко друштво
Во рамките на годишната проектна програма на НУ „Завод и Музеј“ Битола, од страна на м-р Мери Стојанова, Етнолог виш кустос, беше реализиран проектот – изложба, „Иванденски празнувања во Ресен“ која се одржа во периодот од 07 – 22.10.2013 во КЦ Магаза, во Битола.
Изложбата се состоеше од десет (10) изложбени банери со димении 85 на 200 цм., на кои низ фотографија и краток текст беше проследена обредната пракса на прославата на овој празник во градот Ресен, единствен од ваков вид на територијата на Македонија и пошироко. Овој празник е во завршна фаза на постапката за стекнување на највисок статус на заштита како духовно културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.
За потребите на изложбата беше подготвен и отпечатен двојазичен каталог на македонски и англиски јазик, во кој е проследена празничната и обредна пракса, а воедно е извршен и еден подетален увид во генезата на самиот празник, симболиката на поедини клучни елементи од обредната пракса, трансфорамциите и неговата сегашна форма.
Во рамки на овој проект, пред почетокот на изложбата, беше организирана и интерактивна работилница за деца насловена: „Да правиме кукла – Иванка“, на која што триесетина децата од ОУ Кирил и Методиј од Битола, и ОУ „Славко Лумбарковски“, с. Новаци, подрачно училиште с. Гермијан имаа можност непосредно да ја проследат изработката на антропоморфната фигура - кукла „Иванка“ од страна на претставници на локалната заедница од Ресен, што воедно претставува еден од поважните моменти на обредната пракса.
Проектот беше финасиран од страна на Министерството за култура на Р. Македонија во рамките на Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес за 2013 год.