Македонско етнолошко друштво
На 12.09.2014 година, во организација на Македонското Етнолошко Друштво се одржа Меѓународен симпозиум на тема: „Етнотуризмот и етнолошкото културно наследство“. Тематае избрана од причини што во последно време се посветува нешто поголемо внимание на можностите на туристичките понуди од доменот на традиционалната култура. Со таа цел ја упативме и поканата за учество на овој научен собир до сите колеги етнолози во Македонија, но и на другите истражувачи на народната култура: етномузиколози, етнокореолози, фолклористи, социо-културни антрополози, историчари на културата, историчари на уметноста итн. Покани беа испратени и до наши колеги од странство, за да можеме да размениме разни мислења, ставови и искуства со состојбите на етнотуризмот и на етнолошкото културно наследство во нивните земји.
На Симпозиумот беа пријавени 30 реферати, со учесници од 5 земји: Македонија, Бугарија, Хрватска, Полска и Соединетите Американски Држави. Триесеттината учесници што земаа учество на Симпозимот ги претставија своите идеи и предлози за поширока афирмација на обемното етнолошко културно наследство, почнувајќи од доменот на материјалната култура: од презентирањето на народните носии и останатите традиционални текстилни изработки, потоа народната архитектура и етно-селата, традиционалната храна и културно-забавните манифестации во нејзина чест, преку сферата на духовното културно наследство: обичаите, народните песни и ора, улогата на народните музички инструменти и на инструменталистите во туристичката понуда, па сè до проблематиката на архивирањето и дигитализирањето на етнолошкото културно наследство и сферата на културната политика и развојот на етнотуризмот.
Финансиските средства беа обезбедени од Министерството за култура на Р. Македонија во рамките на Годишната програма за проекти од национален интерес за 2014 година, а Симпозиумот се одржа во просториите на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, за што Македонското Етнолошко Друштво во оваа прилика упатува голема благодарност до двете институции.
При свеченото отворање на Симпозиумот поздравни говори одржаа Претседателот на МЕД, проф. д-р Зоранчо Малинов, во својство на Претседател на Организациониот Одбор на Симпозиумот и проф. д-р Љупчо Ристески во својство на Раководител на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, во својство на домаќин на одржувањето на Симпозиумот.